Методологија на Истражувањето од Eurofound

Целта на истражувачката работа на Eurofound е да обезбеди висококвалитетни информации за квалитетот на животните и работните услови во Европа. За да ја реализира оваа цел, секое од истражувањата е насочено кон различно население за да се добијат конкретни информации.

Прашањата од Истражувањето за работните услови во Европа се наменети за работниците да добијат увид во квалитетот на работата и вработувањето. Истражувањето на европските компании е насочено кон раководителите и претставниците на вработените во компаниите за да се соберат информации за практиките на работното место. Интервјуата во склоп на Истражувањето за квалитетот на животот во Европа се наменети за Еврипејците за да стекнат претстава за животните услови и согледувањето за квалитетот на животот.

И покрај овие разлики во однос на целното население, Eurofound се стреми да ја усогласи, кога е можно, методологијата на истражувањето за да се увери дека лекциите научени во едно истражување ќе се спроведат во другите истражувања.

Во сите истражувачки проекти се вклучени заинтересирани страни на Eurofound и експерти во релевантното поле за развој, спроведување и процена на секоја фаза од секое истражување со што ја обезбедуваат нивната релевантност за европските и националните креатори на политики и социјалните партнери.

Преку вклученост на експерти во развојот на прашалникот, како и вклученост на наши експерти на национално ниво во преведувачкиот процес, Eurofound се стреми да обезбеди сите прашања од истражувањето да ги опфатат реалните феномени коишто треба да бидат опфатени (валидност).

Преку внимателно избирање репрезентативни примероци, одбирање на најсоодветниот начин за управување со прашалниците користејќи највисока технологија, регрутирање искусни испитувачи и обезбедување сèопфатна обука за испитување и кодирање, како и брза проверка на собраните податоци, софистицирано пондерирање и соодветна анализа, Eurofound се стреми да обезбеди конзистентност на мерењата од истражувањето (доверливост).

Заложбата на Eurofound’ за добивање висококвалитетни информации е прикажана понатаму во нејзината стратегија за обезбедување квалитет на истражувањата.

Земање примероци

Без оглед дали целното население од истражувањето се Европејци, работници или претпријатија, не е изводливо собирање информации од сите членови на тоа население. Одбран е што е можен порепрезентативен примерок на испитаници од вкупното население.

Eurofound се стреми да користи рамки за испитување примероци со највисок можен квалитет. Во секоја земја се обидува да најде регистар којшто опфаќа најмалку 95 % од целното население. Пожелно е регистрите за ECS да содржат информации за установи или компании. За EWCS и за EQLS, регистрите обично содржат информации за адреси на домаќинства, а понекогаш и за поединци. Кога не бил достапен таков регистар, во EWCS и EQLS бил изготвуван список на можни испитаници преку т.н. постапка за ‘случајна рута’.

Eurofound се стреми да изготвува  доволно големи  примероци за да се добијат важечки резултати за поединечни земји и тие примероци треба доволно добро да ја одразуваат распределбата на европското население за да се овозможи изведување општи заклучоци за Европа како целина. Првата цел бара големината на примерокот да се состои од најмалку 1000 испитаници намалувајќи ја маргината на грешки на прифатливо ниво. Втората цел е причината за одбирање поголеми примероци во поголеми земји, како што е направено во неодамнешните EWCS и EQLS.

Кодирање

Понекогаш е неопходно да се постават отворени прашања, т.е. прашања на коишто не може да се даде директен одговор со претходно одреден комплет од одговори. На пример, ова е случај со секторите. Испитувачот прво ќе го забележи дадениот одговор со сите детали, а подоцна ќе ѝ го додели на соодветна категорија во статистичката класификација на економски активности (NACE) ширум Европа.

Кодирањето обично треба да се примени за отворени прашања поврзани со приходот, образовното ниво на’испитаниците (според ISCED), како и за регионот во кој живеат(според NUTS).

Пондерирање

Кога ќе се заврши фазата на теренска работа, треба да се пондерираат комплетите со податоци за да се надомести за разни можни причини за расчекор во примерокот. На пример, статистички земено, треба да се води сметка дека различни луѓе имаат различна можност да бидат избрани за истражувањето. Колку е поголема единицата (домаќинство/компанија) каде што луѓето живеат или работат, толку се помали шансите да бидат испитани. Исто така, разликите во нивото на подготвеност да учествуваат во истражувањето може да доведе до послабо претставување на одредени групи испитаници. Разликите меѓу земјите во однос на големината на нивната работна сила не се одразуваат (целосно) во големината на примерокот во секоја земја, па пондерирањето се користи заради уверување дека поголемите земји тежат повеќе во резултатите на ниво на ЕУ.

Истражувањето за работната сила во Европа (LFS) често се користи како извор на референтни податоци за да се просуди за степенот до кој податоците даваат претстава за населението.

Методологијата е приспособена на конкретните барања од секое истражување - повеќе информации се достапни на страниците за индивидуалните истражувања.