Истражување за квалитетот на животот во Европа (EQLS)

Во ова уникатно паневропско истражување, кое се спроведува на секои четири години, се испитуваат објективните околности во животот на Европејците и што мислат тие за односните околности и нивните животи воопшто. Се осврнува на широк опсег на проблеми, како што се вработување, приход, образование, домување, семејство, здравје и рамнотежа помеѓу работата и приватниот живот. Исто така, се осврнува на субјективните теми, како што се нивоа на среќа на луѓето, колку се задоволни од својот живот и како го согледуваат квалитетот на општеството.

Со редовно спроведување на истражувањето стана возможно, исто така, да се следат главните трендови во квалитетот на животот на луѓето со тек на време. На пример, претходните истражувања покажаа дека луѓето имаат поголеми тешкотии да врзат крај со крај откако почна економската криза. Исто така, во многу земји луѓето сметаат дека сега постои поголема тензија меѓу луѓето од различни етнички групи. Исто и низ Европа, луѓето сега помалку им веруваат на своите влади отколку порано. Меѓутоа, луѓето сè уште имаат најголемо задоволство од својот семеен живот и од личните односи.

Со текот на годините, EQLS се разви во важен комплет од показатели, коишто ги дополнуваат традиционалните показатели за економски раст и животен стандард, како што е БДП или приход. Показателите од EQLS се јасни и допадливи како и БДП, меѓутоа тие повеќе ги опфаќаат еколошките и социјалните аспекти на напредокот и затоа можат лесно да се интегрираат во процесот на донесување одлуки и да се изложат на јавна дебата во ЕУ и на национални нивоа во Европската унија.

Во секој бран се избира примерок од возрасното население по случаен избор за интервју лице во лице. Со оглед на потенцијалното проширување на ЕУ и интересот на земјите од групата ЕФТА, географската покриеност на истражувањето се прошири со тек на време:

  • Прво EQLS во 2003 г. - 28 земји: 27 земји-членки на ЕУ и Турција
  • Второ EQLS во 2007-2008 г. - 31 земја: 27 земји-членки на ЕУ, Хрватска, ПЈР Македонија, Турција и Норвешка
  • Трето EQLS во 2011-2012 г. - 34 земји: 27 земји-членки на ЕУ и Хрватска, Исланд, ПЈР Македонија, Црна Гора, Србија, Турција и Косово).

Покрај тоа, голем број прашања од второто EQLS беа поставени како дел од истражувањето на Евробарометарот во 2009 година земајќи ја предвид студијата за Трендовите за квалитетот на животот во ЕУ: 2003-2009.

Податоците од EQLS и другите дополнителни извори се внесуваат во електронската база на податоци на Eurofound за статистички показатели за квалитетот на животот (EurLIFE).